Спектаклот „Валкира“ од Вагнер за првпат пред македонската публика на 52-те „Мајски оперски вечери“
16 май 2024telma.com.mk

Спектаклот „Валкира“ од Вагнер за првпат пред македонската публика на 52-те „Мајски оперски вечери“

Спектакуларната епска музичка драма „Валкира“, од прочуениот германски композитор Рихард Вагнер, во продукција на Софиската опера и балет, в сабота гостува на 52 „Мајски оперски вечери“. Тоа ќе биде можност македонската публика за првпат да слушне и види на сцената на нашата Национална опера и балет, комплетно дело од Вагнер. За ова гостување, реализирано партнерски меѓу нашето и бугарското министерство за култура, од Софија во Скопје доаѓаат 134 луѓе- солисти, оркестар, мала балетска група и целокупната техника. Постановката на „Валкира“ ја режираше Пламен Карталов, кој воедно е и директор на Софиската опера и балет. А, со оркестарот ќе диригира маестро Еван Алексис Kрист од САД. Во септември нашата Национална опера и балет врз принципот на реципроцитет, ќе гостува во Софија.

„За ова гостување со маестрото Карталов почнавме да се договараме уште минатата година на 51 „ Мајски оперски вечери“ , каде што маестрото Карталов ни  беше гостин. И дојдовме на идеја Софиската опера и балет да земе учество на 52 „Мајски оперски вечери“, кажа Васко Ристов, директор на нашата Национална опера и балет.

„Ние, во нашиот спектакал баравме една фантазија, која што целосно се базира на музиката на Вагнер. Музиката на Вагнер е музика на иднината. Но, постановката ја направивме така што публиката да се идентификува со своите херои. Не баравме политички елемент, туку баравме една длабока психологија“, рече академик Пламен Карталов, режисер на операта „Валкира“.

„Софиската опера и балет има неверојатно богата оперска традиција, како и вие. И мислам дека вие ќе слушнете колку неверојатни се солистите, со многу зачудни гласови. И многу добро истренирани да пеат на германски јазик“, кажа диригентот, маестро Еван Алексис Крист.

Сотир Трајков

https://telma.com.mk/2024/05/16/spektaklot-valkira-od-vagner-za-prv-pat-pred-makedonskata-publika-na-52-majski-operski-vecheri/